ЕБУ му забрани на Зеленски да се обрати на Изборот за песна на Евровизија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски доби забрана да испрати видеопорака на финалето на Изборот за песна на Евровизија, чиј домаќин годинава во име на Украина е Велика Британија, пренесува „Јуроњуз“.
Зеленски изрази желба да сними видеопорака за натпреварувачите и за глобалната публика од 200 милиони луѓе за време на финалето на изборот, кое ќе се одржи в сабота во Ливерпул.
Организаторите на настанот велат дека постојат правила за да се задржи политиката надвор од натпреварот во пеење.
Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која го продуцира настанот, рече дека го одбила барањето на украинскиот претседател да ѝ се обрати на публиката иако ја забележала неговата „намера за пофалба“.
„Натпреварот за песна на Евровизија е меѓународно забавно шоу и е раководено од строги правила и принципи, кои се воспоставени од неговото создавање. Еден од темелите на натпреварот е неполитичката природа на настанот. Овој принцип ја забранува можноста за давање политички или слични изјави“, се вели во соопштението од ЕБУ.
Одлуката на ЕБУ наиде на критики во некои кругови, кои тврдат дека од морален аспект на Украина мора да ѝ се даде можност да зборува против руската агресија.
Видеопораките на Зеленски на популарни настани и претходно предизвикаа контроверзии. Така, група италијански политичари сметаа дека говорот на Зеленски при неговото обраќање на музичкиот фестивал во Сан Ремо бил премногу политички.
Во услови на наплив на јавна поддршка од гласачите во Европа, украинската рап-група „Калуш“ победи на натпреварот минатата година, но Украина не можеше да биде домаќин на Евровизија поради руската инвазија, па организацијата ја презеде Велика Британија, која беше втора лани.
Инсајдери од Би-би-си, кои помогна да се организира настанот во Ливерпул, изјавиле претходно за „Тајмс“ дека во тек се тешки и деликатни преговори во врска со барањето на Зеленски поради стравувањата на организаторите на Евровизија од последиците од одбивањето на барањето.
Во текот на изминатата година Зеленски побара да се обрати – и беше експресно одбиен – на многубројни меѓународни настани.
„Оскарите“ го одбија во двата наврата истакнувајќи дека неговото обраќање ќе ги направи наградите несоодветно политички.
Филмскиот фестивал во Торонто во Канада го одби во септември минатата година, а ФИФА го одби барањето на Зеленски за обраќање на финалето на Светското првенство во Катар во декември.
„Навистина штета. Тој ќе им беше достојна конкуренција на учесниците на Евровизија годинава“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи ја одлуката на ЕБУ.
Захарова очигледно алудира на претходната кариера на Зеленски како комичар, кој понекогаш настапувал облечен како транссексуалец, а во една пригода се преправал дека свири пијано со половиот орган.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа