ДЗС потпиша договор со двајцата пензионирани пилоти на „Ер трактор“, се очекува нивно вклучување во гаснењето на пожарот во неготинско

 

Дирекцијата за заштита и спасување потпиша договор со двајцата пензионирани пилоти на „Ер трактор“ и во текот на денот се очекува тие да се вклучат во гаснењето на пожарот во Неготинско, информираше за МИА директорот на ДЗС, Беким Максути.

Тој посочи дека двајцата пилоти се веќе тргнати накај аеродром и по поминување на процедурите што се потребни пред секој лет, тие ќе се упатат кон планината Серта во Неготинско. 

– Потпишавме договор со двајцата пилоти и за многу кратко време ќе бидат ангажирани во гаснењето на пожарите во Неготинско. Пилотите се веќе тргнати накај аеродром, треба да поминат некои процедури пред да бидат спремни да летаат и за многу кратко време ќе се вклучат во гаснењето, изјави Максути за МИА.

Директорот не сакаше да открие за колкава плата двајцата пилоти се вратени. Во разговор за МИА минатиот месец, Максути рече дека за враќање на двајцата обучени пилоти, ДЗС бара од Министерството за финансии плата во висина од 300.000 денари, бидејќи работното место пилот во ДЗС со плата од 72.000 денари е неатрактивно.

– Мислам дека тоа не би требало да е предмет сега, бидејќи создаваме тензии помеѓу другите пилоти. Она што е битно е дека истите се ангажирани, потпишан е договор со нив, вратена е оперативноста од страна на авио-одделението и тие од денеска се активни во гаснење на пожари, рече Максути.

Додаде дека договорот е потпишан до крајот на годинава, а по истекот останува Владата да одлучи, бидејќи, нагласи, дека е потребно порамнување на платите на ниво на држава.

– Договорот е потпишан до крајот на оваа година, понатаму што ќе одлучи Владата ќе видиме. Има забрани за нови конкурси, значи штом имаме можност да ги обновивме конкурсите за примање на нови пилоти, ќе го направиме тоа и ќе видиме дали ќе има заинтересирани. Пред се, треба да биде регулиран нивниот статус во однос на примањата, потребно е порамнување на платите на ниво на држава. Тоа е се уште проблем, бидејќи треба на повисоко ниво да се решава, рече Максути.

12.07.2024 - 11:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега