Системот „Мој Термин“ во периодот од 1 јануари 2021 до 30 април годинава воопшто не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, односно 37,9 отсто од анализираниот период, покажува конечниот извештај од ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) насловен „Мој Термин – оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствената заштита”. Во истиот период за одржување на системите во јавното здравство биле вложени 333,3 милиони денари (5,42 милиони евра), но само девет отсто од овие средства се однесувале на националниот здравствен информатички систем, додека 91 отсто завршиле кај други системи, при што 48 отсто од овие вложувања биле концентрирани кај само три софтверски компании.

Ревизијата утврди дека Управата за електронско здравство нема ингеренции за јавни набавки за „Мој Термин“, а самиот поим не е правно заштитен од институциите, туку во 2024 година бил регистриран од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори, со што се отвора висок ризик од спорови за интелектуална сопственост. Исто така, утврдени се сериозни пропусти во ИТ-безбедноста и заштитата на личните податоци, недостиг на контроли и инспекции од страна на Министерството, како и појава на паралелни приватни платформи кои можат да предизвикаат забуна кај пациентите.

Exit mobile version