Џафери: На Собранието му е потребен нов Деловник за работа

Очигледно е дека на Собранието му е потребен нов Деловник за работа, бидејќи кој и да дојде да работи со сегашниот Деловник, ќе има проблем, изјави денеска собранискиот претседател Талат Џафери на средба со новинарите.

Џафери најави дека за утре свикал состанок на пратеничките групи во врска со процесот „Жан Моне“, што ја опфаќа токму работата на Деловникот. Ваков состанок во врска со Деловникот не е одржан веќе подолго време, за што имаше забелешка и во Извештајот на Европската комисија.

На средбата со новинарите, тој рече дека пратениците во рамките на „Жан Моне“ процесот треба да ги разгледаат членовите во Деловникот почнувајќи од членот 132, па натаму.

Според него, ваквиот Деловник треба да се донесе во редовна постапка, во две читања и со амандманска расправа. Џафери смета дека со новиот Деловник треба да се решат многу недоречености и проблеми што произлегуваат од сегашниот документ за работа на Собранието, но и да се направат одредени ограничувања, како при носење на одредени закони, така и при избори на одредени функционери.

Во однос на Извештајот на ЕК и забелешките од Светската банка за должината на носењето на одредени закони, собранискиот претседател повтори дека Извештајот ја отсликува работата на Собранието и дека и да сака не може да влијае на односите меѓу политичките чинители, потенцирајќи дека за разговор се потребни двајца.

– Секоја недела се одржуваат координациите, но ВМРО-ДПМНЕ не доаѓаат. Немам инструменти, условно кажано, да ги натерам партиите да комуницираат, вели Џафери.

Тој денеска не знаеше да каже дали опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе учествуваат на состанокот на процесот со свои претставници.

Претседателот на Собранието, исто како и премиерот Димитар Ковачевски, е на мислење дека политичките партии треба да се состанат во врска со уставните измени. Џафери рече дека премиерот укажал на потребата на меѓупартиска консултација, бидејќи уставните измени не можат да се донесат без двотретинско мнозинство.

27.10.2022 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега