Две лица од Охрид правеле измами во системот на Фудбалската федерација на Македонија СВР Охрид – Одделението за криминалистичка полиција и Одделението за економски криминал поднеле кривична пријава против Ц.М и Н.Ц поради сомнение за сторени две кривични дела – „Фалсификување исправа“ по член 378 став 1 и „Измама“ по член 247 од Кривичниот законик.

Според информациите од полицијата, пријавените, во својство на претседател и секретар на Општинскиот фудбалски сојуз Охрид, во текот на 2024 година во повеќе наврати внеле лажни, неточни и нецелосни податоци во КОМЕТ системот на Фудбалската федерација на Македонија.

Се наведува дека биле евидентирани натпревари кои воопшто не биле одиграни, како и лица кои наводно учествувале на истите, иако не биле регистрирани како играчи или судии. Според пријавата, целта на ваквото постапување била ОФС Охрид да обезбеди свои претставници во органите на ФФМ. По целосно документирање на случајот, кривичната пријава е доставена до надлежното јавно обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошната постапка.

Exit mobile version