ДУИ: Неспособноста на губитниците од Вреди ја прекина постапката за двојазични сообраќајни табли

 

Не престануваат скандалите со албанскиот јазик, велат Интегративците од Мала Речица.

Според ДУИ, Јавното претпријатие за државни патишта ги стопирало постапките за проектот на претходното раководство кој, според партијата, имаше за цел промена на сите сообраќајни знаци на автопатиштата, согласно законот за употреба на албанскиот јазик. 

-Ова е чекор без преседан и штетен за спроведувањето на законот кој гарантира јазична еднаквост. И покрај тоа што заврши процесот на избор на фирма за реализација на проектот, сегашното раководство одлучи да ја прекине постапката. Ова може лесно да се провери во електронскиот систем за јавни набавки, што отвора сериозни прашања за односот на оваа влада кон спроведувањето на овој закон, велат од ДУИ.

Според партијата, овие постапки се неприфатливи.

-Демократската унија за интеграција предупредува дека овие неуспеси се резултат на недостатокот на изборен легитимитет на оваа власт, нејзината јасна неспособност да управува со клучните процеси и нејзината зависност од политичките влијанија на ВМРО. Овие постапки се неприфатливи и сериозно му штетат на процесот на институционална еднаквост во државата. Наместо да се соочат со своите одговорности, губитниците на изборите се обидуваат да ги прикријат овие масовни неуспеси со неосновани политички напади и непотребни прогони.  Насилното, самоволно и вонинституционално отстранување на таблите на границата со Косово и враќањето на старите табли е уште еден показател за неспособноста на оваа власт да ги спроведе институционалните и правни стандарди.  Жално е што по повеќе од 100 дена владеење, ова моноетничко раководство сè уште се обидува да ги обвинува другите за своите постојани неуспеси.  Овие акции не само што ги поткопуваат државните институции, туку претставуваат и јасен чин на дискриминација на Албанците, се вели во соопштението.

15.09.2024 - 13:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега