Демократска унија за интеграција поднесе кривична пријава против министерот за правда Игор Филков, обвинувајќи го за повреда на Уставот и законските прописи. Од партијата тврдат дека министерот постапил спротивно на Закон за употреба на јазиците, откако не го одобрил барањето на студентите по право правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.

-Денес, пред оваа институција на правдата, поднесуваме кривична пријава против Министерството за правда за сериозни прекршувања на уставните и законските обврски. За попречување на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, спротивно на член 7 од Уставот и членовите 1, 2, 3 и 9 од Законот за употреба на јазиците, кои го признаваат албанскиот јазик како службен јазик покрај македонскиот и ги обврзуваат државните институции да обезбедат употреба на службениот јазик во службените постапки и документи- велат од ДУИ.

Кривичната против Филков е и поради неизвршување на службена должност на штета на уставните и законските права на граѓаните Албанци, спротивно на член 9 од Уставот (еднаквост на граѓаните пред законот) и член 353 од Кривичниот законик (злоупотреба на службена должност и овластување).

-Одбивањето да се организира и одржи правосуден испит на албански јазик директно го нарушува правото на употреба на службениот јазик во постапките пред институциите. Овие дејствија претставуваат повреда на рамноправноста на граѓаните согласно член 137 од Кривичниот законик и се спротивни на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој забранува секаков облик на дискриминација врз основа на јазик и етничка припадност. Неспроведувањето на законот и негирањето на ова право испраќа дискриминаторски пораки и ризикува продлабочување на тензиите во мултиетничкото општество – валат од ДУИ.

Exit mobile version