Делегација од Движење ЗНАМ – за Наша Македонија присуствуваше на одбележувањето на 80 години од формирањето на Здружението на новинарите на Македонија. Делегацијата беше предводена од генералниот секретар Горан Минчев, во придружба на претседавачот на Централниот одбор Игор Филков и членот на Извршниот одбор д-р Злате Мехмедовиќ.
Со своето присуство, претставниците на Движењето ЗНАМ изразија почит кон долгогодишната и значајна улога што новинарската професија ја има во изградбата и развојот на демократските процеси во државата. Осумдецениското постоење на Здружението на новинарите на Македонија претставува сведоштво за континуитетот, професионалноста и посветеноста на медиумската заедница во афирмацијата на вистината, јавниот интерес и слободата на изразување.
ЗНАМ ја нагласува својата принципиелна заложба за јакнење на демократските институции, владеењето на правото и создавање амбиент во кој новинарите ќе можат слободно, професионално и одговорно да ја извршуваат својата работа, без притисоци и ограничувања. Воедно, делегацијата упати честитки по повод значајниот јубилеј, со уверување дека партнерството меѓу политичките чинители и медиумската заедница мора да се темели на меѓусебна почит, транспарентност и отчетност во интерес на граѓаните и државата.


