Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска соопшти дека Централното претседателство едногласно донело одлука да побара распишување на предвремени парламентарни избори.

Во соопштението, се наведува дека ставот за предвремени избори е заеднички и со партнерите во рамки на коалицијата Национална Алијанса за Интеграција (НАИ), која, според ДУИ, ја има поддршката на мнозинството граѓани во државата.

„По три изборни циклуси по ред – претседателски, парламентарни и локални – волјата на граѓаните е јасна, недвосмислена и во поддршка на НАИ“, се вели во соопштението.

ДУИ посочува дека во изминатите година и пол, граѓаните три пати ја потврдиле својата доверба во оваа коалиција, која според нивните податоци е „неоспорен победник на национално ниво“.

Партијата наведува конкретни бројки од последните локални избори:

  • предност од над 23.000 гласа на изборите за општински совети,
  • 21.000 гласа разлика во трката за градоначалници,
  • 159 советници наспроти 122 од спротивниот политички блок,
  • и проценка дека, доколку истовремено се одржеле парламентарни избори, НАИ би освоила 20 пратеници, наспроти 15 на ривалите.

На последните локални избори, коалицијата победи во повеќе општини, меѓу кои Гостивар, Липково, Врапчиште, Пласница и Чашка, а ќе оди во втор круг во Тетово, Кичево, Струга, Боговиње и Студеничани.

ДУИ во соопштението порача дека предвремените парламентарни избори се единствено решение за политичка и институционална стабилност, додавајќи дека секој обид да се игнорира волјата на граѓаните би бил „неразумен и антидемократски“.

„Нека одлучи народот кој ја има легитимноста да ја води државата и да го продолжи евроатлантскиот процес, еднаквото претставување и политичката стабилност“, порачаа од ДУИ.

Во завршницата од соопштението партијата порача:
„Граѓаните зборуваа јасно. Сега е време политиката да слуша. Ајде, веднаш да одиме на предвремени парламентарни избори!“

Exit mobile version