Бриселскиот меѓународен аеродром „Зевентем“ вечерва околу 21 часот повторно е отворен за сообраќај, по привремено затворање што траеше нешто повеќе од еден час поради безбедносни причини, информира белгискиот авиопревозник „Брисел Ерлајнс“.
Нешто пред 20 часот сите полетувања и слетувања беа откажани, откако воздушниот простор над аеродромот беше затворен поради забележани три дрона во неговото подрачје. Аеродромската управа потврди дека летовите се откажани поради „пријави за дронови околу аеродромот“.
Сите авиони кои требаше да слетаат додека аеродромот беше затворен беа пренасочени кон белгиските аеродроми „Остенде-Бриж“ и „Шарлероа-Јужен Брисел“, или во Ајндховен во Холандија и Лил во Франција.
Дронови претходно денеска биле регистрирани и над воените бази „Клајне-Брогел“ и „Флорен“. Според полициски извори, утрово околу 6:30 часот граѓани пријавиле шест дрона над база „Клајне-Брогел“, каде се сместени припадници на НАТО и, според претпоставки, американско нуклеарно оружје.
Базата е во состојба на зголемена борбена готовност, откако дронови биле забележани таму три ноќи по ред, од петок до недела. Во неа се стационирани белгиски ловци Ф-16, а од 2027 година се очекува да пристигнат и новите борбени авиони Ф-35 што Белгија ги нарача од САД.
Дронови денеска биле регистрирани и над воздухопловната база „Флорен“, каде се стационирани белгиски авиони-ловци, а во изминатиот период биле забележани и над уште три други белгиски воени бази.
Потеклото на дроновите останува непознато, а иако сомнежите се насочуваат кон Русија, Министерството за одбрана на Белгија нема доволно докази за потврдување на овие претпоставки.

