Претставата „Кармен“ вечерва е дел од официјалната програма на 14. Меѓународен фестивал за изведувачки уметности БАБЕЛ, кој се одржува во градот Т’рговиште, Романија. Фестивалот е основан во 2007 година од Театарот „Тони Буландра“, со цел да создаде простор за средба на различни култури, театарски естетики и современи сценски практики.
Монодрамата „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено повеќе меѓународни награди и признанија. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.
Гостувањето во Романија претставува 51. изведба на претставата, по премиерата одржана во мај 2021 година.
Фестивалот БАБЕЛ се издвојува со својата разновидна програма која вклучува драмски претстави, современ танц, уличен театар, циркуски изведби, перформанси, музички настани, работилници и мастер-класови, како и изложби и мултимедијални проекти. Во текот на фестивалот, целиот град Т’рговиште се претвора во голема сцена, со настани што се одржуваат во театри, на плоштади, историски локации и алтернативни простори, велат организаторите.
Името БАБЕЛ е инспирирано од библиската Вавилонска кула и симболизира дијалог меѓу различни јазици, култури и уметнички изрази. Главната мисија на фестивалот е преку сценските уметности да поттикне меѓукултурна комуникација и размена на идеи.
На фестивалот учествуваат ансамбли и уметници од Европа и Азија, меѓу кои театарски куќи од Полска, Грузија, Португалија, Франција, Чешка, Јужна Кореја и други земји. Фестивалот е член и партнер на европски фестивалски мрежи и е препознаен од Европската асоцијација на фестивали.
За меѓународната соработка на Драмскиот театар, ваквите гостувања се од особена важност, бидејќи овозможуваат увид во современите сценски форми и различни театарски естетики, како и воспоставување контакти и соработка со меѓународната мрежа на директори на театри, фестивали и селектори.


