Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, упати сериозни обвинувања по седницата на Советот за одбрана, тврдејќи дека Украина стои зад обидот за минирање на гасоводот „Турски тек“ на територијата на Србија. Според него, овој „оневозможен терористички напад“ се вклопува во поширока шема на украински дејствија насочени против енергетската инфраструктура.

Сијарто повлече паралели со претходни инциденти, нагласувајќи дека нападите врз енергетските текови стануваат сè почести.

„Украинците претходно го дигнале во воздух гасоводот ‘Северен тек’, го блокирале нафтоводот ‘Дружба’, а во последните недели го нападнале гасоводот ‘Турски тек’ на руска територија со десетици дронови. Сакале да го дигнат во воздух ‘Турски тек’, што е многу груб напад врз суверенитетот на Унгарија и Србија“, изјави Сијарто.

Како одговор на овие закани, Унгарија донесе одлука за воена заштита на гасоводот на целата своја територија – од српската до словачката граница.

Паралелно со изјавата на Сијарто, српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека во близина на клучната гасна инфраструктура кај Кањижа се пронајдени два големи пакета со експлозиви и фитили.

Exit mobile version