Припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за сообраќајна полиција, при денешниот преглед на автобус што превезувал организиран превоз на деца во Јагодина, откриле неколку неправилности, што довело до отстранување на возилото од сообраќај, а против возачот и организаторот на превозот се преземени законски предвидени мерки, соопшти српското МВР.

„Со инспекцијата е утврдено дека организаторот на превоз не поднел барање за преглед на автобусот, како и дека возилото превезувало повеќе патници од дозволеното. Исто така, возачот не ги исполнува пропишаните услови за организиран превоз на деца, бидејќи не поседувал важечко лекарско уверение, тахографски листови, квалификациска картичка за возачи, ниту договор склучен согласно прописите.

Во возилото се утврдени дефекти и недостатоци како што се – недостаток на сертификат за техничка исправност на возилото не постар од 30 дена, истечен е сертификатот за исправност на тахографот, недостаток на превозна дозвола, автобусот не бил обележан со посебен знак за организиран превоз на деца. Против возачот на автобусот З. З. (1971) се поднесени соодветни прекршочни пријави“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Тие додаваат дека „Министерството за внатрешни работи апелира до сите организатори на превоз на деца строго да ги почитуваат пропишаните услови и процедури, за да се обезбеди безбедноста на децата во сообраќајот максимално“.

Exit mobile version