Крузер со околу 1.700 патници и членови на екипажот е закотвен во францускиот град Бордо, откако на бродот беше регистриран бран на гастроинтестинални заболувања. Локалните здравствени власти и префектурата донесоа одлука со која на сите лица на бродот им се забранува симнување на копно.
Лекарска интервенција и истрага
Според информациите од капетанот на бродот, околу 50 патници покажале симптоми на болеста. Истовремено, локалниот весник „Суд уест“ и други француски медиуми пренесоа дека починал британски патник на возраст над 90 години.
Екипа од лекари се качи на бродот „Амбишн“ за да ја процени здравствената состојба на патниците и да земе примероци за анализа. Властите истакнаа дека се очекуваат првичните резултати од тестирањата, по што ќе биде одлучено за натамошните чекори.
Нема поврзаност со случајот на „Хондиус“
Француските власти нагласија дека нема основа за поврзување на овој случај со крузерот „Хондиус“, каде што претходно беше потврдена епидемија на хантавирус.
За потсетување, бродот „Хондиус“, кој исплови од Аргентина на почетокот на април, беше евакуиран во неделата во пристаништето Тенерифе. Таму се регистрирани 11 потврдени или веројатни случаи на инфекција со типот „андес“ на хантавирусот, меѓу кои и тројца починати патници.
Крузерот „Амбишн“, кој пристигна од Белфаст и Ливерпул, првично имаше план да го продолжи своето патување кон Шпанија, но неговата маршрута сега е неизвесна додека траат здравствените проверки.


