Министерството за здравство информира дека по пријава од Клиничка болница Тетово до полицијата за агресивност врз медицинскиот персонал се преземени мерки од надлежните институции. Од вработените беше пријавено 28-годишно машко лице поради агресивност кон медицинскиот персонал и физички напад врз еден од лекарите.

„Министерството за здравство се залага за почитување на интегритетот, достоинството и професионалноста на сите лекари и здравствени работници. Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства, и само преку заемна доверба, почит и поддршка можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

СВР Тетово претпладнево информираше дека вчера во 16:00 часот, полициски службеници го лишија од слобода М.М.(28) од с. Челопек, постапувајќи по претходна пријава од Клиничката болница во Тетово дека агресивно се однесувал кон персоналот и физички го нападнал Л.А.(31) од с. Желино, лекар во болницата, додека тој се обидувал да му пружи лекарска помош.

– Исто така, по пристигнување на полициските службеници, М.М. агресивно се однесувал и кон нив и физички нападнал еден од полициските службеници, соопшти СВР Тетово.

Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе му биде поднесена соодветна пријава.

Exit mobile version