Драма на „Алијанц арена“: Параглајдеристот кој што слета на теренот бил под снајперски нишан

Припадници на германските специјални безбедносни сили за малку ќе отвореле оган од снајперско оружје кон активистот на „Гринпис“, кој летајќи со параглајдер предизвика инцидент непосредно пред натпреварот меѓу Германија и Франција во Минхен во рамки на ЕУРО2020.

Параглајдеристот, како што соопшти организацијата „Гринпис“, требаше да прелета над „Алијанц арена“ и да спушти на теренот гумена топка со протестна порака „Откажете се од нафтата“.

Работите, сепак, тргнаа во погрешна насока, кога активистот на „Гринпис“ со леталото пресече телевизиски кабли на покривот на стадионот, а парчињата пластика и метал што паднаа на трибините повредија најмалку две лица, кои беа пренесени во болница.

– Снајперистите веќе го имаа на нишан, соопшти министерот за надворешни работи на германската сојузна покраина Баварија, Јоаким Херман,

„Доколку полицијата проценеше дека станува збор за терористички напад, човекот ќе платеше со својот живот“, додаде Херман.

Активистот на „Гринпис“, 38-годишен Германец, на крајот слета на теренот во време кога двете репрезентации се загреваа пред почетокот на натпреварот, минувајќи без повреди.

УЕФА го осуди инцидентот, нарекувајќи го „непромислен акт“, додека Германската фудбалска федерација ја оцени акцијата на „Гринпис“ како „неприфатлива“.

17.06.2021 - 10:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа