Официјалната тридневна посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина, која воедно е и прва посета на еден американски лидер на оваа азиска суперсила по девет години, заврши со строги и драматични безбедносни протоколи на самиот аеродром во Пекинг. Како што информираше дописничката на „Њујорк пост“ од Белата куќа, Емили Гудин, американскиот безбедносен персонал спровел ригорозна контрола и не дозволил ниту еден предмет даден од кинеска страна да биде внесен во претседателскиот авион.

Според нејзините написи, американските агенти биле максимално претпазливи поради потенцијални ризици од шпионажа или дигитално следење преку технологија. Пред самото полетување кон Соединетите Американски Држави, персоналот буквално конфискувал сè што кинеските претставници и домаќини претходно ѝ го предале на американската делегација за време на престојот.

„Американскиот безбедносен персонал зел сè што кинеските претставници ѝ ги предале на делегацијата за време на посетата, вклучувајќи ги и официјалните акредитиви, привремените мобилни телефони и сите беџови, по што без размислување ги фрлиле во корпа за отпадоци пред да се качат на претседателскиот авион. Апсолутно ништо што потекнува или е добиено од Кина не беше дозволено да се внесе во ‘Ер Форс Ван’“, објави новинарката Гудин на својот официјален профил на социјалната мрежа Икс.

Овој безбедносен инцидент се случи во сенка на исклучително важните геополитички разговори кои Трамп ги имаше со кинескиот државен врв. Американскиот претседател претходно изјави дека тековната војна со Иран била една од главните теми на дискусија со претседателот Шји Џјинпинг, при што сугерираше дека Пекинг во голема мера го споделува ставот на Вашингтон за итна потреба од прекин на воениот конфликт и целосно отворање на стратешкиот Ормутски Теснец за меѓународна пловидба.

Покрај кризата на Блискиот Исток, фокусот на тридневната агенда бил ставен и на економската соработка и регионалната безбедност во Азија. Трамп пред новинарите се пофали дека тој и Шји успеале да договорат „фантастични трговски договори“ кои дополнително ќе ја унапредат размената меѓу двете економии. Сепак, тој остана воздржан на прашањето за воениот баланс во Пацификот, нагласувајќи дека сè уште ја анализира состојбата и нема донесено конечна одлука околу најавената голема продажба на софистицирано американско оружје за потребите на Тајван.

Exit mobile version