Партијата Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик ќе плати казна од 15.000 евра поради поттикнување омраза и навредлив говор кон Бошњаците на предизборен митинг.

На собир организиран во рамките на кампањата за предвремените претседателски избори во Република Српска, Додик ги спореди Бошњаците со „амеби“ и ги нарече „лажливи Турци“.

„Никој не лаже полошо и повеќе од Турчин“, изјави Додик на 10 ноември, повикувајќи ги локалните власти да спречат купување станови од страна на Бошњаците на територијата на РС.

Централната изборна комисија на БиХ (СИП) со мнозинство гласови оцени дека неговите изјави претставуваат говор на омраза, за кој согласно регулативата од 2022 година е предвидена парична казна до 30.000 конвертибилни марки (15.000 евра).

СНСД на предвремените избори го кандидираше Синиша Каран, кој речиси на сите митинзи настапува заедно со Додик. На почетокот на кампањата, Каран ги повика поддржувачите на 23 ноември „да покажат дека сè уште го поддржуваат Додик“.

Милорад Додик беше отстранет од функцијата претседател на Република Српска откако годинава беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ.

Exit mobile version