Скопјани чии домови се загреваат на централно греење во наредните три месеци ќе добиваат значително пониски сметки за испорачаната топлинска енергија.
Првата фактура од редовното годишно порамнување веќе е доставена до корисниците, а истото намалување ќе се повтори и во следните два месеци, при што износот за парно кај дел од граѓаните е речиси преполовен.
Од АД ЕСМ потсетија дека изминатата грејна сезона започна порано од официјално утврдениот почеток, односно на 2 октомври 2025 година, а поради надворешните временски услови беше продолжена и по официјалниот завршеток на 15 април, односно до 2 мај 2026 година.
Иако сезоната траеше подолго од вообичаеното, просечните температури во одредени периоди биле повисоки од прогнозираните, па затоа сега пристигнуваат порамнети сметки чиј износ е различен за секој потрошувач. Утврдената разлика при порамнувањето се дели на три еднакви рати.
„Доколку при годишното порамнување е утврдена разлика што треба да се фактурира, таа се распределува на три еднакви рати и соодветно се прикажува во фактурите за месеците мај, јуни и јули. Тоа значи дека кај конкретен потрошувач износот на порамнувањето е ист во овие три месеци, но не постои единствен износ што важи за сите потрошувачи бидејќи порамнувањето се пресметува индивидуално за секој потрошувач“, објаснуваат од ЕСМ.


