Граѓаните кои планираат да преминат на природен гас за греење ќе имаат дополнително време да ја искористат финансиската поддршка од државата. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека рокот за аплицирање за мерката за поттикнување на снабдувањето со гас во домаќинствата е продолжен до 31 октомври 2026 година.

Одлуката е објавена во „Службен весник“, а со неа се овозможува поголем број домаќинства да аплицираат за субвенции за приклучок на природен гас или за набавка на котел на гас.

За оваа мерка се обезбедени 3 милиони денари, а финансиската поддршка изнесува до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци. Средствата ќе се доделуваат според принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивното целосно искористување.

Право на апликација имаат домаќинствата кои во текот на 2026 година ќе извршат приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и оние кои ќе набават котел на гас за објект што веќе бил приклучен на системот до 1 јануари 2026 година.

Од Министерството посочуваат дека секое домаќинство може да поднесе едно барање, а ги повикуваат заинтересираните граѓани навремено да ја достават потребната документација согласно условите од јавниот оглас.

По истекот на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа апликациите, а средствата ќе им бидат исплатени на барателите кои ги исполнуваат условите.

Целта на мерката, според Министерството, е намалување на трошоците за греење, подобрување на енергетската ефикасност и поттикнување на користење почисти енергетски решенија во домаќинствата.

Exit mobile version