Директор одбил 97 отсто од луѓето кои се пријавиле на оглас за работа и објаснил зошто
Еден работодавец се разлутил откако, во време на економска криза, морал да одбие 97 отсто од луѓето кои се пријавиле за работа бидејќи не ги следеле едноставните упатства од неговиот оглас.
Рајан Ирвинг од Велика Британија споделил објава на „LinkedIn“ во која ги критикува своите несудени работници. Имено, тој поставил оглас за работа во кој понудил годишна плата од 12.000 фунти, а во кој од луѓето кои се пријавуваат побарал наместо испраќање на CV, да одговорат на неколку едноставни прашања.
Рајан открил дека се пријавиле вкупно 183 лица, но само 6 од нив внимателно го прочитале огласот и направиле како што било наведено. Сите останати биле автоматски одбиени.
„Ги замолувам луѓето внимателно да ги читаат огласите. Неодамна објавивме оглас за работа на кој се пријавија 183 лица, што не е ни чудно во моменталната економска ситуација, но знаете ли колку луѓе го направија тоа што беше побарано од нив? Само 6!“, напишал Ирвинг.
Во продолжение, тој објаснил дека смета дека таквото однесување не е во ред во време кога многу луѓе се останати без работа.
„Во моменталната ситуација, невработеноста е голема, а приликите за работа се мали. Затоа ова не е доволно добро. Веројатно бројни потенцијални работници автоматски се пријавуваат на сите огласи и јас можам да го разберам тој менталитет, но тоа не функционира. Гајле ми е ако имате 4 дипломи и 20 години работно искуство - ако не можете да следите едноставни упатства, тоа не е баш добар почеток, нели?“, навел во огласот кој го пренел „Daily Mail“.
Некои луѓе на „LinkedIn“ се сложиле со него, додека други сметаат дека тој претерува.
„Зошто не би го прочитале огласот до крај? Тоа е лудо. Ако навистина ве интересира тоа работно место, би сакале да го знаете секој детаљ за истото. Површното читање не покажува големо ниво на ентузијазам“, гласи еден коментар додека други сметаат дека Ирвинг требал поинаку да изреагира.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа