Полскиот вицепремиер и министер за дигитализација, Кшиштоф Гавковски, побара од компанијата „СпејсИкс“ итно да ја врати Полска во европскиот роаминг на сателитската мрежа „Старлинк“. Ова доаѓа откако полските корисници останаа единствените исклучени од оваа услуга во Европа, со што од 17 август за нив стапуваат во сила значително поскапи пакети и дополнителни административни проверки.
„Одбивам глобална технолошка компанија да ги третира Полјаците полошо од останатите Европејци. Доколку (Илон) Маск сака да работи во Полска, да има корист од полскиот пазар и да заработува од полските корисници, тогаш мора да се однесува кон нив праведно и рамноправно“, порача Гавковски на платформата Икс.
Тој истакна дека побарал „СпејсИкс“ веднаш да им ги врати на полските граѓани истите услови што ги уживаат останатите европски корисници. Доколку компанијата тврди дека причина за ваквата одлука се локалните прописи, Гавковски нагласи дека треба прецизно да наведе за кои конкретни прописи станува збор.
Во најновото ажурирање на условите за користење на услугата „Старлинк“, во европскиот роаминг се опфатени 30 држави, а единствено Полска е исклучена од овој режим. Основниот пакет од 42 евра, кој претходно овозможуваше користење интернет низ цела Европа, отсега ќе важи исклучиво на територијата на Полска. Единствениот начин полските корисници да имаат интернет во странство е да го активираат најскапиот пакет за неограничен глобален роаминг од 107 евра месечно, при што по 30 дена престој во странство уредот се блокира и мора повторно да се приклучи од територијата на Полска.
„Полска не е пазар од втор ред, ниту полските корисници се клиенти од втор ред“, изјави Гавковски.
Позадина: Врската со Украина и досегашните тензии
Според анализите на експертите, компанијата на Илон Маск ја исклучи Полска од европскиот регионален роаминг за да го спречи неконтролираното користење на терминалите купени во Полска, кои граѓаните им ги предаваа на користење на Украинците по поевтини европски тарифи. Владата во Варшава и полските граѓани досега имаат донирано десетици илјади терминали за потребите на Украина.
Користењето на оваа сателитска мрежа и претходно беше повод за жестоки вербални пресметки меѓу Илон Маск и полскиот министер за надворешни работи, Радослав Шикорски.
„Еј, голем човеку, зошто не ги спречиш Русите да користат ‘Старлинк’ кога ги гаѓаат украинските градови? Заработувањето од воени злосторства може да ти го уништи брендот“, му порача Шикорски на Маск во јануари на платформата Икс.
На ова Маск одговори:
„Тој бледолик идиот дури и не знае дека ‘Старлинк’ е основата на воените комуникации во Украина“.
Кога Маск подоцна се закани дека би можел целосно да го исклучи интернетот за украинската армија, Шикорски го потсети дека тој не ја обезбедува оваа услуга бесплатно, туку остварува профит, при што Полска годишно му плаќа 50 милиони долари за интернетот што го користат украинските сили.

