Димитров: Милошоски лаже, јас немам време, ни желба да учествувам во неговиот картонски театар
Во Собранието денеска почна расправата по интерпелацијата за работата на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.
„Лага е дека сум бил уредно поканет, лага е дека сум бил должен да присуствувам и лага е дека сум одбил да присуствувам на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, со која раководи Антонијо Милошоски, кажа Димитров.
Станува збор за седница на Комисијата за надворешна политика која Милошоски ја свикуваше да се дебатира за спорот со Бугарија. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ стави до него картонска макета од Димитров на седницата на 12 ноември.
„За жал, немам време, а уште помалку желба, да учествувам во театар на картони, за што признавам, му нема рамен, во способноста да прави циркуз од државните интереси, особено во Собранието. За таков театар, не сум ви потребен јас. Тоа одлично го терате и без мене“, рече денеска Димитров.
Тој истакна дека работите за кои го обвинуваат немаат логика.
„За што ме обвинувате? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали дами и господа можеби тоа го сакавте? За да можете да ја продавате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа го барате од мене? Веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам. Среќа не се сетивте да ѝ поднесете и на ЕК интерпелација за тоа како се дрзнале на оваа Влада да ѝ дадат безусловна препорака или пак на Европскиот совет за зеленото светло за почеток на преговорите. Бидејќи за нивните зборови и одлуки се работи. Или пак мене ме обвинувате што соседна Бугарија го прекрши членот 2 од договорот, каде се обврза да ни помага во евроинтеграциите? Или ме обвинувате за самиот Договор? Па од кај нив слушаме гласови дека тој треба да се измени“, кажа Димитров.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, образложувајќи ги причините за интерпелацијата истакна дека очекува таа да биде прифатена поради, како што рече, тоталното фијаско со европските интеграции на државата што е целосно спротивно на ветувањата на владејачкото мнозинство.
„Ова владејачко мнозинство како ветување број 1 имаше почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа што на почетокот на февруари 2021 дебатираме тука во Собранието во услови кога Македонија воопшто не почнала преговори за членство и крајно е неизвесно не само кога и дали воопшто ќе ги почне е најголемо фијаско што можеше да и се случи на оваа Влада“, рече Николовски, дополнувајќи дека за ваквата состојба најодговорни се Димитров и претседателот на Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа