Димитров: Крајната цел – општество во служба на граѓанинот со еднакви можности, без дискриминација

Иако оценките за нашите перформанси во однос на човековите права во последние неколку години одат по нагорна линија, останува многу работа за постигнување на крајната цел – општество со целосно функционални институции во служба на граѓанинот, општество со еднакви можности, без дискриминација врз кој било основ, општество во кое владее правото и во кое борбата против неказнивоста е врвен приоритет.

Ова денеска го истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров, на тркалезната маса „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020“, во организација на Министерството за надворешни работи, Институтот за европска политика и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

-Човековите права и владеењето на правото се тоа што сите нас не привлекува да бидеме дел од европското семејство. Да се биде еднаков во држава каде владее правото, каде системот е функционален во слободно и праведно општество. Тоа е магнетот на ЕУ покрај овој првиот столб. Бидејќи веруваме и очекуваме дека ќе ги почнеме пристапните преговори заедно со помош и поддршка на германското претседателство со ЕУ во следниве месеци, првата меѓувладина конференција и првиот кластер како основи ќе го содржат и ова поглавје за темелните права. И тука ние ќе имаме еден инструмент да се доближуваме до тој идеал кон кој сакаме да се стремиме, рече Димитров.

Димитров посочи дека Извештајот на Европската агенција за човекови права се однесува на 2019 година и е втемелен врз квантитативни и квалитативни резултати на истражувањата на Агенцијата, на националните анализи изготвени од нејзините локални партнери, консултации и коментари од релевантните национални инстутции, пред се од Министерството за правда.

-Ние сме споменати во неколку поглавја во позитивен контекст во делот на недискриминацијата, активностите против говорот на омраза и положбата на Ромите. Загрижувачки се податоците за детската сиромаштија и насилството врз жените. Ме радува издвојувањето на пристапувањето на Северна Македонија кон Истанбулската конвенција, како важен инструмент за спречување на насилство врз жените и домашно насилство, истакна Димитров.

Тој, во контекст на прашањето за недискриминација и новиот закон со современи и европски стандарди за заштита и спречување дискриминација, што беше усвоен минатата година и посебно позитивно издвоен како достигнување во овој извештај, ја истакна заложбата за негово повторно донесување веднаш по парламентарните избори и конституирање на Собранието.

-Оваа работа мора да биде врвен приоритет на законодавната агенда на новото идно собрание. Во меѓувреме, имајќи го предвид вакуумот што се создде по одлуката на Уставниот суд, минатата недела заедно со министерката за правда упативме барање до Советот на Европа да ни помогне преку хоризоналната програма да ја охрабриме и поттикнеме правосудната фела, до усвојување на новиот закон како приоритет на земјата да се повикуваат на директна примена на одредбите на Европската конвенција за човекови права и да водат сметка за судската пракса на Судот во Стразбур при разгледување на предмети поврзани со дискриминација, подвлече Димитров.

Додаде дека човековите права претставуваат еден од столбовите на внатрешната политика во државите, но не од помала важност се и во контекст на надворешната политика.

Министерот го посочи и податокот дека според неодамнешната анкета на агенција на ЕУ, околу 88 проценти од луѓето во земјите на Европската Унија сметаат дека човековите права се исклучително важни за создавање правични општества во своите земји. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.07.2020 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега