Димитриевски: Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато

„Вреди“ собира евтини политички поени и се обидува да го копира ДУИ за да му се додвори на албанскиот електорат. Но, тоа се погрешни политики. Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато. Треба да се насочиме кон економијата, да поставиме систем на владеење, да се знае ред согласно законот и тоа да го почитуваме сите. Граѓаните не плаќаат за да обезбедиме подобри услови за живот, оцени вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Во дневникот на ТВ Сител, Димитриевски порача дека владината коалиција функционира, но има различни ставови, особено по националните прашања кои доаѓаат од „Вреди“. Долгорочна соработка е можна, подвлече, само ако се почитуваат законите кои треба да важат еднакво за сите.

Според Димитриевски, општо неприфатливо и недозволиво е да се формираат други академии во земјава, освен МАНУ.

-Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато, треба да дојде време на квалитетот, а квантитетот што доаѓа од политичките субјекти да биде сузбиен. Нашата намера е да работиме на деполитизација на системот, но дополнително и да го спроведуваме законот, а не да го толкуваме. Нашиот министер за администрација го цитираше законот, а законот е јасен, дека се пресметува согласно процентот на населението кое живее во Македонија. Ние ќе бараме почитување и на законот за истакнување на одбележјата или знамињата на етничките заедници. Владината коалиција функционира, но факт е дека има различни ставови, особено по националните прашања  кои доаѓаат од нашиот коалициски партнет „Вреди“ со кој ние и немаме реално потпишано коалиција, туку имаме потпишано договор за Влада, односно поддршка на владината програма. Факт е дека собираат евтини политички поени на таа тема кај својот електорат, мислејќи дека ќе излезат поголеми патриоти од оние кои претходно беа. Всушност, се враќаат на принципот на ДУИ-зација кој за нас е минато или барем мислиме дека е минато, но како и да е, секогаш ќе ги корегираме и ќе ги носиме нашите одлуки согласно моментумот, објасни Димитриевски во врска со Балансерот.  

На прашањето дали откако почна да функционира владината коалција разговарал со некој од лидерите на „Вреди“, одговори дека досега немало официјална лидерска средба.

30.07.2024 - 21:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега