Ребалансот на Буџетот за 2026 година е насочен кон обезбедување средства за реализација на капитални инвестиции, исполнување на обврските од колективните договори и поддршка на развојни политики кои директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните, изјави министерката за финансии во поткастот „Каде се парите“.

Таа посочи дека Министерството за финансии при носењето на одлуките мора да води сметка не само за буџетските параметри, туку и за реалните потреби на граѓаните и институциите.

„Министерот за финансии има најтешка улога, затоа што ако гледаме само низ призмата на дефицитот, ќе се држиме до бројката, но од другата страна постои реалниот живот“, рече министерката.

Според неа, капиталните инвестиции не треба да се гледаат како трошок, туку како вложување во идниот економски развој и подобрување на условите за живот.

Таа нагласи дека тие директно придонесуваат за раст на бруто-домашниот производ и имаат долгорочен ефект врз економијата и животниот стандард.

„Одлучивме да го зголемиме нивото на капитални инвестиции поради подобрената реализација на проектите и поголемата подготвеност на институциите“, додаде министерката.

Во делот на приходите, таа истакна дека наплатата на даноците се движи согласно очекувањата и дека нема значителни отстапувања од проекциите.

Осврнувајќи се на буџетскиот дефицит, министерката нагласи дека тој треба да се анализира како процент од бруто-домашниот производ, со цел реална споредба меѓу различни периоди.

Таа потсети дека во 2020 година дефицитот изнесувал 8 проценти од БДП, а дека процесот на фискална консолидација продолжува.

Во однос на јавниот долг, министерката рече дека државата спроведува внимателна политика и дека довербата на меѓународните пазари се гледа преку успешни финансиски издавања со поволни услови.

Фискалната политика, како што истакна, останува насочена кон стабилност и поддршка на развојни проекти.

Exit mobile version