Изработката на Буџетот за 2026 година претставуваше сериозен и комплексен предизвик, пред сè поради обврската на Владата за фискална консолидација, но со него се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска во гостувањето во Дневникот на Сител.

„Ова е процес кој логично требаше да биде спроведен од претходната влада, особено во услови на висока инфлација. Но, тоа не се случи, па целиот товар падна на нас“, рече министерката.

Димитриеска-Кочоска потсети дека следната година државата треба да врати долгови во износ од 2 милијарди евра, создадени со крајно неодговорно и, како што нагласи, душманско и неконтролирано трошење во минатото, но увери дека граѓаните треба да бидат спокојни.

„Граѓаните можат да бидат спокојни – не станува збор за нов долг. Напротив, целта е стабилизација и консолидирање на јавниот долг, што веруваме дека ќе го постигнеме порано од проектираните рокови.“ кажа министерката во гостувањето во Сител.

Како што кажа министерката, приходите се проектирани внимателно и реално, а со економскиот раст постои можност за надминување на планираните бројки. Расходите се прецизно планирани, со јасна аргументација за секое оптимизирање.

Министерката се осврна и на критиките за наводно кратење на социјалната помош, истакнувајќи дека бројот на корисници се намалува како резултат на подобрено управување и интеграција на дел од нив на пазарот на труд. Во исто време, лицата со попреченост остануваат врвен приоритет и се целосно покриени во Буџетот.

Во однос на капиталните расходи, Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките говорат за реални инвестиции. Заклучно со 13 ноември, реализацијата изнесува 22,1 милијарди денари, а по старата методологија достигнува 28 милијарди денари што е за 47,4% повеќе од претходната година. 

“Буџетот за 2026 година предвидува 40 милијарди денари за капитални инвестиции, што е реално и остварливо, земајќи ги предвид капацитетите и состојбите на градежниот сектор” кажа Димитриеска-Кочоска.

Министерката нагласи дека Буџетот ги опфаќа сите законски обврски на државата – кон пензионерите, работниците и приватниот сектор. Пензиите ќе бидат усогласени согласно законските обврски, вклучително и априлското зголемување од околу 1.000 денари и редовното усогласување во септември. Минималната плата и сите надоместоци исто така се пресметуваат согласно законската методологија.

„Буџетот за 2026 е развоен, реален и одговорен. Граѓаните можат да бидат спокојни – државата е финансиски стабилна, сите обврски се покриени, пензиите и платите се безбедни, а капиталните проекти навистина се реализираат“ кажа министерката.

Exit mobile version