Со новиот Закон за внатрешни работи, кој го донесоа и го менуваа неколку пати за само една година, ВМРО-ОКГ и Панче Тошковски ги деградираат професионалците и инсталираат партиска војска во полицијата, нагласи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција пред Уставниот суд. Димитријевиќ посочи дека новиот Закон за внатрешни работи содржи низа спорни одредби со кои наместо професионализација се создава партизација.
„Тошковски прераспоредува полициски службеници „по потреба на службата“, без никакви критериуми и без согласност на вработените. Професионалци со 30 години искуство, кои со децении граделе кариера, преку ноќ се уназадени од раководни позиции до најниски извршители. Кариерниот систем е укинат, се гази правото на работа и слободен избор на вработување загарантирани со Уставот. Се формираат партиски комисии за селекција кои, надвор од очите на јавноста и без вклучување на репрезентативниот синдикат, ќе одлучуваат кој е „подобен“ а кој не“, рече Димиртијевиќ.
Тој додаде дека покрај ваквата намера за партизација, министерот Тошковски удира и по џебот на полицајците, се укинува загарантираниот додаток за овластување, а се носат класифицирани листи за тоа кој заслужува додаток на плата.
„Работното искуство веќе не е дел од основната плата, со што директно се намалува вредноста на сите додатоци како прекувремена и ноќна работа. Го укинува загарантираниот додаток за овластување од 20% и 30%, а наместо тоа, Тошковски носи класифицирани листи за тоа кој заслужува додаток на плата. Значи платата на полицаецот повеќе не зависи од неговиот труд и закон, туку од желбата на Панче Тошковски“, рече Димитријевиќ.
На прес-конференцијата, Димитријевиќ нагласи дека ова е истиот модел што се спроведуваше во времето на Сашо Мијалков и Никола Груевски – моделот на МВРО-ВМРО како што го опиша Јанкуловска.
„Целта е јасна – МВР да се претворат во партиски механизам за пресметка со неподобните и заштита на криминалот и корупцијата на власта“, рече Димитријевиќ, и најави дека СДСМ силно ќе се спротивстави.
СДСМ денеска поднесе Иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на овој скандалозен Закон за внатрешни работи.

