Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги утврди кандидатите кои ќе ги заменат Бети Стаменковска-Трајковска, Јане Мицевски и Дејан Проданоски, кои беа избрани за градоначалници на локалните избори.

Според одлуката, пратеници ќе бидат Александра Николовска, Мартин Стојановски и Мито Андонов. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, образложи дека редоследно, според листата на коалицијата „Твоја Македонија“, овие тројца ќе ги заменат досегашните пратеници.

Стојановски доаѓа на местото на Игор Никовски, кој претходно ја известил ДИК дека не го прифаќа мандатот. За новите тројца пратеници ДИК веднаш ќе го информира Собранието на РСМ.

Претходно, на денешната седница, Собранието констатира дека на Бети Стаменковска-Трајковска, Јане Мицевски и Дејан Проданоски им престанаа пратеничките мандати, откако беа избрани за градоначалници на Кисела Вода, Сопиште и Прилеп.

Кондарко истакна дека Александра Николовска и Мартин Стојановски ќе бидат пратеници за Изборната единица 1, а Мито Андонов за Изборната единица 4. ДИК ќе им издаде уверение, а Собранието потоа ќе ги верификува нивните мандати.

На денешната седница, ДИК ја усвои и Одлуката за доделување средства на своите вработени, припадниците на МВР и другите ангажирани лица за враќање на уредите за биометриска идентификација на гласачите користени во изборниот процес. Уредите ќе бидат донесени во ДИК, а потоа ќе бидат избришани сите внесени податоци.

Exit mobile version