Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ги објави првичните официјални резултати од гласањето во вториот круг на локалните избори што се одржа вчера.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека се гласаше во 32 општини и во Град Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи. На 1.777 избирачки места гласале 424.923 граѓани, што претставува излезност од 41,93 отсто. Бројот на важечки гласачки ливчиња изнесува 404.464, а неважечки 23.930.
Во Скопје, за градоначалник, на гласање излегле 167.575 лица. Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња е 157.047, а неважечки се 10.528.
Според првичните резултати, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во Скопје и во 21 општина, коалицијата ВРЕДИ во четири општини, коалицијата предводена од СДСМ во три, а Унијата на Роми, Движењето ЗНАМ и НАИ освоиле по една општина. Во една општина ќе раководи независен кандидат.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 избирачи или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 проценти од гласовите.
„Од моментот на објавувањето на овие резултати почнува да тече рокот за поднесување приговори“, истакна Кондарко.

