Орце Ѓорѓиевски заедно со уште 32 градоначалници кои беа избрани во вториот круг денеска и официјално можат да кажат дека победиле на изборите бидејќи Државната изборна комисија утрово ги објави конечните резултати во оние општини каде што во рокот кој истече вчера попладне не беа поднесени приговори ниту за текот на гласањето ниту пак за сумирањето на резултатите. Сега, сите овие нови градоначлници треба да си ги земат уверенијата од ДИК по што можат да вршат примопредавања на функциите и официјално да си го почнат мандатот.

Денеска попладне во 14 часот ДИК ќе одржи нова седница на која ќе се разгледуваат вкупно поднесени 16 приговори за изборите за градоначалници. Приговорите се поднесени во 3 општини. Приговори за процесот на сумирање и утврдување на резултатите поднел кандидатот за градоначлник на Брвеница кој ги загуби изборите, Хаќим Рамадани. Тој во приговорот навел сомнежи за пропусти во 8 избирачки места.

ВМРО-ДПМНЕ има поднесено приговори за постапката на утврдување на резултатите во Шуто Оризари на 10 избирачки места а на 3 приговори во истата општина поднел и Сојузот на Ромите. И Стевчо Јакимовски приговара за сумирањето и утврдувањето на резултатите во општина Карпош и тоа на 2 избирачки места. Поднесени се и 3 приговори за процесот на гласање на повторувањето на изборите за советнички листи во Шуто Оризари.

Исто така, 4 општини не избраа градоначлник во првиот круг. За нив ќе се организира ново гласање веројатно до крајот на оваа или на почетокот на наредната година.

Exit mobile version