Детектор: Граѓаните сметаат дека во последните 5 години образованието станало полошо

Споредено со пред 5 години, граѓаните во големо мнозинство сметаат дека денеска имаме полошо образование, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.  56,3% делат ваков став наспроти 25% кои не гледаат некаква промена. Само 9,6% од анкетираните велат дека денеска образованието е на повисоко ниво споредено со состојбата од пред 5 години.

 

Истото прашање го имавме и на анкетата пред 4 години, а тогаш 48,9% сметаа дека образованието во последните 5 години станало полошо, наспроти 28,8% кои не виделе промени и 18,3% кои тогаш сметале дека образованието е на повисоко ниво споредено со претходните 5 години.


49% од анкетираните велат дека квалитетот на образовниот процес во Македонија во споредба со земјите од регионот е полош. Една четвртина се на ставот дека е сличен а само 5,7% сметаат дека Македонија има подобро образование од земјите од регионот.

И тука споредбата со анкетата на ИПИС од 2019 покажува дека перцепциите се влошени. Тогаш, 40,1% сметале дека во регионот има подобро образование, близу 30% не нашле некоја разлика а 10,4% сметале дека во Македонија има поквалитетен образовен процес во однос на земјите од регионот.


Главна причина според граѓаните зошто Македонија се наоѓа на најниските места на светските мерења за квалитетот на образованието е лошата наставна програма, став кој го делат 19,2% од граѓаните. 15,5% сметаат дека главна причина е несоодветниот наставен кадат, 12,7% проблемот го гледаат во неквалитетните учебници а 11% лошите услови во училиштата.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.

26.03.2023 - 16:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега