Денеска се празнуваат овие светители

 

Светите Седум Херсонски свештеномаченици: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон

Сите овие беа епископи во Херсон во разни времиња и сите пострадаа (само Етериј умре мирно) од неверниците, било од Евреите било од Грците или од Скитите. Овие епископи одеа во тие диви краишта како мисионери за да ја пренесат евангелската светлина. Сите беа намачени и пострадаа за својот Господ. Василиј го воскресна синот на еден кнез во Херсон, што ги огорчи Евреите, па го обвинија. Го врзаа за нозете и го влечеа по херсонските улици дури не ја испушти душата. Ефрем го убија со меч. Евгениј, Елпидиј и Агатодор ги биеја со стапови и со камења с ? дури не Му ги предадоа своите души на Бога. Етериј поживеа во времето на Константин Велики, па во мир и слобода управуваше со Црквата, изгради голем храм во Херсон и се упокои мирно. Кога последниот од нив, Капитон, го испратија за епископ во Херсон, дивите Скити од него побараа знак за да поверуваат. И му предложија да влезе во огнена печка, па ако не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа. Со топла молитва и со надеж во Бога Капитон го положи архиерејскиот омофор на себе, се прекрсти и влезе во вжарената печка држејќи го умот во срцето воздигнат кон Бога. И во пламенот постоја околу еден час без никаква повреда на телото и на облеката, па излезе оттаму здрав. Тогаш сите повикаа: „ Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен, Кој го сочува слугата Свој во огнената печка!“ И се крсти сиот град и околината. За ова чудо многу се зборуваше на Никејскиот Собор. И сите Го прославија Бога и ја пофалија цврстата вера на Св. Капитон. А на Капитон му се случи по патот да го фатат на реката Дњепар незнабожечки Скити и во реката го удавија. Овие епископи пострадаа во почетокот на 4 век.

Тропар
Пофалба и поклони пред вас денес Црквата вознесува, о свети отци наши Херсонски, вие кои ширејќи го словото Божјо маченички пострадавте, патот кон спасение за нас отворивте, Ефреме и Василие, Евгение и Елпидие, Агатодоре, Етерие и Капитоне, молете Го Милостивиот Господ да ги помилува нашите души.

Преподобен Емилијан

Се роди во Рим, а во младоста изврши многубројни и тешки гревови. Но кога се отрезни од грешењето и си дојде на себе, трепереше од самата помисла за Судот Божји. Стапи во еден манастир и со пост, бдение и послушание го скроти и го исуши своето тело. Овде им беше пример на браќата. Ноќе често излегуваше од манастирот и одеше во една блиска пештера на молитва. Бидејќи не знаеше каде оди монахот, игуменот на манастирот една ноќ тајно тргна по него. И таа ноќ тој го виде Емилијан како стои на молитва со страв и во солзи. Одеднаш целата таа гора ја облеа небесна светлина посилна од сонцето, а најсилна беше во пештерата на Емилијан. А од небото се слушна глас: „Емилијан, ти се простуваат гревовите!“ Игуменот се исполни со ужас и побегна во манастирот. Утредента им објави на браќата за она што го виде и чу минатата ноќ. Емилијан поживеа долго и мирно, во голема почит меѓу браќата, па се упокои во Господ.

Тропар
Тајната на вечноста, о Емилијане, Бог ти ја откри, кога пон ревноста на покајанието прегрешенијата ти ги прости, наградата видлива од небесата се спростре на твојата глава, за која Спасителот ќе каже дека благословот на главата и целото тело го осветува. Радувај се ти – приброен кон спасените и за нас моли се, барем дел од таа благодат да искусиме.

Преподобен Павле Препрост

Блажениот Павле имал дар на проѕорливост. Во една прилика, влегувајќи во еден манастир, застанал покрај црквата и набљудувал со какви мисли влегувале луѓето во неа. Имало вечерна служба и сите влегувале во црквата со ведри лица и светли души, и со секого од нив радосно влегувал и ангелот чувар. Но, еден брат одел во црквата со мрачно лице, потемнета душа, окружен од демони, при што секој го влечел при себе, а неговиот ангел чувар одел по него оддалеку, тажен и расплакан. Откако го видел тоа, светиот се ожалостил и многу тагувал за загубениот брат, од голема тага не влегол ни во црквата, туку седел надвор и плачел. Кога завршила црковната служба, сите браќа излегувале такви како што и влегле, озарени со Божествена светлина. Преподобниот Павле го здогледал и братот што при влегувањето во црквата бил мрачен и потемнет, но сега неговото лице било светло како на ангел, благодатта на Светиот Дух го осенувала, ангелот чувар радосно го држел за рака, а демонот оддалеку ридал и не можел ни најмалку да му се приближи. Забележувајќи ја оваа брза промена кај братот, блажениот се зарадувал, го запрел и пред сите раскажал што видел, па го прашал тој брат за причината на оваа ненадејна промена кај него. А тој, гледајќи дека е разоткриен преку Божјо откровение, пред сите раскажал сe за себе: „Јас сум многу грешен: многу години сe до денешниов ден поминав во нечистотија. Но, кога влегов во црквата, слушнав како го читаат пророкот Исаиј, или подобро – Бог, Кој преку него говори: ’Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; научете се да правите добро… Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели‘ (Ис. 1, 16–18). Откако го слушнав тоа, мојата душа се потресе, ми се отворија духовните очи и јас, согледувајќи ја својата беда и погибел, воздивнав во своето срце и Му реков на Бог: ’Ти, Господи, си дошол во светот да ги спасиш грешниците, како што сега ми кажа преку Својот пророк; направи го тоа навистина со мене грешниот. Зашто, еве, ветувам дека отсега, со Твоја помош, не само што нема да правам никакво зло, туку ќе го отфрлам и секое беззаконие и ќе Ти послужам Тебе, Господи, со чиста совест; само Ти мене, што се каам, прими ме и не отфрлај ме мене, што паѓам пред Тебе‘. Со вакви ветувања, продолжил тој, излегов од црквата, решен во своето срце повеќе да не грешам пред Бог“. Откако го слушнале тоа, сите со силен глас Го прославиле Бог, Кој го прима секого што Му приоѓа со покајание.

Тропар
Кога постави стража на устата своја, Господ невеста ти подари заради несудење на ближниот, о Павле мудар оче наш, деца се изродија од бракот со смиреноста, и срцето стана широчина кое духот го вдомува, а оттаму победата Христова над противникот се возгласува. Во твојата простота, смирение и молитва измоли пред Господа милост за душата наша, свет оче наш.

20.03.2022 - 13:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега