Денеска почнува скопскиот „Викенд на гордоста“
Со огромно задоволство ја најавуваме и ве каниме на вториот дел од програмата за јубилејниот десетти по ред Викенд на гордоста Скопје, што ќе се одржува од 15 до 17 септември, во Младинскиот културен центар – МКЦ, Музејот на современа уметност, и клубот Станица 26. Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА - велат од коалицијата Маргини и ЛГБТИ центарот
„Септемвриската програма на фестивалот ја отвораме на 15 септември, во 21:00ч во МКЦ, со перформансот/танц “Етика“, на францускиот кореограф Матjе Окемије (Matthieu Hocquemiller), а во изведба на Патрис Дезмон и Пјер Емо (Patrice Desmons & Pierre Emö). Етика е дует на двајца мажи. Пјер, млад изведувач и сексуален работник, и Патрис, етичар и филозоф. Нивната средба е прашање на договор: размена на мудроста за младоста, па во текот на „договорот“ ќе се викаат Сократ и Алкибијад, замаглувајќи ги границите меѓу господарот и неговиот млад љубовник, испреплетувајќи ги лицата и ликовите. Поаѓајќи оттаму, Матје Окемије испреплетува патека за двајца во форма на сложен дијалог што ги заплеткува животните приказни и филозофските размислувања, до чувствителна и длабоко трогателна кореографска партитура. Двајцата мажи ги испитуваат своите слабости, издвојувајќи го немирот, играјќи си со двосмисленоста. “Етиката“ поттикнува да се прочита што ни откриваат овие тела на искреност и деликатна сензуалност, ставени на тест со нивното претставување. Што не е ништо друго туку самиот темел на етиката.
На 16-ти септември, петок, во МСУ, во 20:00 ч., публиката ќе може да го проследи перформансот “Не за Оскар“, на австриската перформанс уметница Јулишка Стенгеле. Во ова дело уметницата прави напор да го покрие секој центиметар од сопственото тело со отпечатоци од бакнежи. Се наоѓа опколена од публиката, која е сведок на неуспехот, невозможностите, победите и напредокот. Во еден момент публиката е поканета да се приклучи и да помогне во борбата на уметницата во грижливо договорената средба. Перформансот ги сврзува прашањата за посредство, пожелност и привлечност на телата отуѓени со себегрижата и колективната грижа во фашистичките, неолиберални капиталистички и патријархални општества. Јулишка Стенгеле е наградувана уметница, перформерка, авторка, кураторка и предавачка, која живее во Виена. Во својата разновидна, мултидисциплинарна работа, таа ги проучува ефектите од односите на општествена моќ, стигмите и идеолошките норми за телото-умот, како и можностите за нивна еманципација и ослободување со посредство на уметноста.
Фестивалот го затвораме на 17-ти септември во ноќниот клуб Станица 26, од 22:30 часот, со воугинг и дрег забава, и два ДиЏеј сета на Ивана Драгшиќ (Скопје) и Маркиза де Сада од Белград. Во рамки на шоуто настапуваат танчеритеХоеди Саад и Селин (Hoedy Saad & Celine) од Бејрут и, дрег кралиците Токио де Вил, и Дивон Џејн од Скопје.
Во прилог ви го доставуваме и каталогот со деталната програма и постерот за фестивалот. На следниов линк може да го видите и краткото промо видео за фестивалот.
Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство Локомотива, МСУ, ТИИИИТ! Инк. и КСП Центар-ЈАДРО, со несебичната поддршка на Министерството за култура на РСМ, Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Фондацијата Фридрих Еберт, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија, и Сигрид. Раузинг.“ - велат организаторите
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа