Македонските православни верници денеска го празнуваат Светото Благовештение, во народот познат како Благовец или Блошчојне. Овој голем христијански празник, кој секогаш се одбележува на 7 април, се смета за еден од најзначајните денови посветени на Пресвета Богородица.
Празникот во народната традиција се третира како „тежок“ ден во кој не се работи, а поради неговата важност често се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Денешниот ден е посебен за сите кои ги носат имињата Благоја, Блаже, Благојка, Благица и нивните изведеници.
Со Благовец се поврзани и специфични народни верувања кои се пренесуваат со векови:
„Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки“, се вели во народното предание.
Покрај верскиот аспект, празникот е симбол и за будењето на природата. Се верува дека токму денеска се враќаат птиците преселници како штркот, ластовицата и славејот, означувајќи го почетокот на пролетта.


