Денес се слави Светиот апостол Андреј Првоповикан

Син на Јона и брат на Петар, родум од Витсаида, рибар по занимање. Најпрво му беше ученик на свети Јован Крстител, но кога свети Јован покажа со прст на Господ Исус велејќи: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован 1, 36), тогаш Андреј го остави својот прв учител и тргна по Исуса. Потоа го приведе кон Господа и својот брат Петар.

По слегувањето на Светиот Дух, на овој прв апостол Христов му падна во дел да го проповеда Евангелието во Византија и Тракија, a потоа во земјите Дунавски, па во Русија и околу Црното Море и најпосле во Епир, Грција и Пелопонез.

Во Византија постави прв епископ во лицето на свети Стахиј; во Киев забоде крст на една височина и прорече блескава христијанска иднина за рускиот народ; во Тракија, Епир, Грција и Пелопонез приведе во верата мноштво народ и им постави епископи и свештеници. Во градот Патра изврши многу чуда со името на Христа и придоби многумина за Господа, меѓу кои беа братот и жената на царскиот намесник Егеат.

Разјарен заради ова, Егеат го подложи светиот Андреј на маки. Додека беше жив, апостолот им кажуваше корисни поуки на христијаните што се беа собрале околу неговиот крст. Народот сакаше да го симне од крстот, но тој се спротивстави на тоа. Најпосле, апостолот почна да Му се моли на Бога и притоа некоја необична светлина го заблесна целиот. Тоа светло озарување траеше околу половина час, а кога исчезна, апостолот Му ја предаде својата душа на Господ.

Така го заврши својот земен век првоповиканиот апостол, којшто прв од Дванаесетте големи апостоли Го позна Господа и тргна по Него.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.12.2020 - 13:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега