Демири и Манолева: Болницата Св.Еразмо во Охрид пример за установа која вложува во нова опрема и зајакнување на кадарот

 

Министерот за здравство, д-р Илир Демири заедно со заменик министерката, д-р Маја Манолева денеска ја посетија Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, каде изминатите неколку години се реализирани бројни инвестиции во нова медицинска опрема, инфраструктурни проекти, како и континуирано зајакнување на кадарот.
 
- Една од најзначајните инвестиции во нова опрема е апаратот за магнетна резонанца во вредност од 1.2 милион евра, обезбеден  со поддршка од Европската унија. Исто така, преку ИПА проектот набавени се повеќе апарати во вредност од 150.000 евра и тоа: апарат за артроскопија, ЕЕГ-ЕМГ апарат, ЕХО апарат стационарен и мобилен, пациент монитори, како и апарати за физикална терапија. Покрај вложувањето во нова опрема во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита, оваа установа е пример и за континуирано зајакнување на кадарот. Само во изминатите неколку години се реализирани вкупно 73 нови вработувања, потенцираше министерот Демири по средбата со раководството на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“.
 
Заменик министерката д-р Манолева истакна дека во установата е реализирана и реконструкција на постојниот базен за физикална терапија во вредност од 125.000 евра, како и доопремување со хидрауличен лифт, кади за физикална терапија и апарат за крио терапија во вредност од околу 40.000 евра.
 
- Овие проекти се реализирани со поддршка од Центарот за Југозападен плански регион, Швајцарската Амбасада и Министерството за локална самоуправа. Во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид се вработени вкупно 221 лице, а во моментот девет доктори се на специјализација. Во болницата се реализираат над 1.600 хируршки интервенции и над 65.000 амбулантски прегледи на годишно ниво, рече Манолева.
28.03.2024 - 14:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега