Данска издала воена наредба со која трупите распоредени на Гренланд се ставаат во зголемена подготвеност, вклучително и можност за борбено дејствување во случај на напад од Соединетите Американски Држави врз оваа автономна територија, објави данскиот јавен сервис „ДР“.

Според информациите на „ДР“, наредбата била издадена минатата недела и предвидува војниците на Гренланд да бидат опремени со боева муниција. Во документот, како што се наведува, се опишува „операција во повеќе фази“, која остава простор и за евентуално испраќање дополнителни војници и воени капацитети во подоцнежна фаза.

Јавниот сервис не објави конкретни детали од планот, а информацијата ја пренесува и британскиот весник „Гардијан“.

Во меѓувреме, данската премиерка Мете Фредериксен пристигна во Нук, главниот град на Гренланд, каде што ќе оствари средба со лидерот на автономната територија, Јенс-Фредерик Нилсен. Се очекува таа да го запознае со разговорите што претходно во текот на денот ги водела со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во рамки на напорите за надминување на актуелните тензии поврзани со континуираниот интерес на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд.

Во јавните настапи во изминатите 48 часа, и Фредериксен и Нилсен повеќепати нагласија дека територијалниот интегритет и суверенитетот претставуваат нивни „црвени линии“ во сите разговори со САД. Истовремено, тие посочија дека остануваат отворени за дијалог за зајакнување на безбедноста на арктичкиот регион.

Според „Гардијан“, засега не е јасно каков договор имал на ум американскиот претседател кога во средата навечер го промени тонот во врска со Гренланд, по средбата со генералниот секретар на НАТО, Руте. Трамп тогаш на својот профил на мрежата „Трут соушл“ напиша дека е постигната рамковна спогодба за Гренланд и дека нема да воведе царини кои претходно ги најави за одделни европски земји.

Exit mobile version