Данецот кој брутално уби пет лица во Норвешка го признал убиството: Лакот и стрелата не му биле единственото оружје

 

Неименуваниот напаѓач е обвинет дека вчера во норвешкиот град Конгсберг убил пет лица и ранил уште две.

37-годишниот Данец, кој се товари дека брутално убил пет луѓе во Норвешка, ги признал убиствата.

Како што соопштуваат од полицијата, Данецот од порано преминал во ислам.

Неименуваниот напаѓач е обвинет дека вчера во норвешкиот град Конгсберг наизменично убил пет лица и ранил уште две. Повеќето жртви ги убил користејќи лак и стрела, но од полицијата соопштиле дека користел и друго оружје. Како што пренесуваат локалните медиуми, напаѓачот ги признал убиствата кои му се ставаат на товар.

"Тој е обвинет за убиства и на полицијата ѝ е познат од порано. Станува збор за повеќе случаи, но засега нема да откриваме детали", соопштиле од полицијата.

Напаѓачот накратко бил сослушан по апсењето и соработувал со полицијата.

"Објасни што направи и зошто. Го призна тоа што му се става на товар", рекле од полицијата и додале дека нема да го коментираат мотивот за убиствата.

Идентитетот на жртвите се уште не е соопштен.

Потсетуваме, нападот се случи во средата навечер на различни локации во Конгсберг, град оддалечен 68 километри југозападно од престолнината Осло.

Полицајците во околу 18 часот по локално време примиле неколку повици дека непознат маж со лак и стрела шета низ градот. Нападите биле изведени на широко подрачје во Конгсберг, град со околу 28.000 жители.

Нападот почнал во еден супермаркет, а напаѓачот, како што се претпоставува, ги менувал локациите и наизменично стрелал во луѓе.

"Еден од повредените е полицаец кој му се спротивставил на напаѓачот. Тој не бил на служба во тие моменти", рекол началникот на полицијата, додавајќи дека приведувањето на напаѓачот не одело лесно.

Полицијата веднаш по нападот соопштила дека не е исклучена можноста да станува збор за терористички чин.

14.10.2021 - 17:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега