Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека европските вредности не треба да останат само на декларативно ниво, туку да се потврдат преку конкретни резултати и работа на институциите.
На 75. дијалог-сесија на Националната конвенција за Европската унија, посветена на европскиот интегративен процес, Тошковски истакна дека сите институции, организации и поединци треба да дадат личен придонес во реформите.
Тој нагласи дека напредокот треба да се мери преку конкретни проекти и подобрувања што ќе им донесат корист на граѓаните.
Тошковски се осврна и на досегашниот процес на европска интеграција, посочувајќи дека земјава во изминатите години се соочувала со повеќе предизвици и неисполнети очекувања. Според него, потребни се заемна почит и фер пристап во процесот.
Министерот порача дека поддршката од европските партнери е важна, но дека најголемиот дел од работата за реформите мора да ја завршат домашните институции.
„Треба да ги засукаме ракавите и да си ја сработиме работата. Треба да видиме резултати и да оставиме подобра Македонија за идните генерации“, порача Тошковски.


