Д-р Олумчев: Во фаза сме на широка распространетост на вирусот - очекувам три можни сценарија
Околу 130 ученици од пет одделенија во гевгелиските основни училишта, кои беа во изолација поради пет нивни инфицирани соученици, откако помина времето за изолација и не покажаа симптоми, излегоа од изолација и од денеска се вратија на училиште, соопшти епидемиологот Сашко Олумчев од ПЕ на Центарот за јавно здравје во Гевгелија.
Епидемиологот Олумчев смета дека сме во фаза на широка распространетост на вирусот и лично очекува три можни сценарија во идниот период.
-Првото од нив е дека ќе имаме новозаразени пациенти кои ќе го прележат ковидот, второ дека ќе имаме поголем број на имунизирани лица и третото дека се очекува „тивка имунизација“ на лица кои контактот со ковидот ќе го минат без симптоми, вели Олумчев и смета дека сето ова ќе биде солиден основ за градење на колективен имунитет до крајот на годината.
За почетокот на новата учебна година, посочи дека не бил против физичката настава, туку се залагал за одложен старт од причина што некои училишта немаа услови за настава со задолжително почитување на физичката дистанца меѓу учениците.
-Сега во училиштата нема трансмисија на инфекцијата меѓу учениците затоа што се почитуваат здравствените превентивни препораки за време на одржување на наставата, нагласи епидемиологот Олумчев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа