На денешниот настан одржан во општина Лозово, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември, се обрати кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Цветковски кој истакна дека ќе продолжи да работи чесно и одговорно, со визија за иднината во општина Лозово за да младите останат, а возрасните живеат достоинствено.
„Ветувам дека нема да застанам, ќе продолжам со иста енергија, со иста решителност и со уште поголема љубов кон нашето Лозово. Јас реализирам и тоа е суштината на се што не разликува, затоа да бидеме искрени разликата помеѓу нас и нив е јасна како ден, тие зборуваат јас работам, тие ветуваат јас исполнувам, додека тие ја гледаат општина како плен, јас ја гледам како дом, дом за сите нас, додека тие мислат на лична корист, јас мислам на заедничка иднина“, рече Цветковски.
Кандидатот за градоначалник на општина Лозово посочи дека се што е ветено досега е реализирано во повеќе области, како во образованието, така и во инфраструктурата, притоа истакнувајќи дека ќе продолжи по истиот пат на развој за напредок на општина Лозово.
„Нашиот збор вреди и затоа што нашиот збор е даден пред народот, а не во темни договори, секое кажано нешто сме го претвориле во дело, кога рековме дека ќе има пат го направивме, дека ќе има улици ги реализиравме, кога ветивме дека ќе има бесплатен оброк за децата од нашето училиште, бесплатна градинка, екскурзии, стипендии, канализации, инфраструктура, тоа не остана на хартија, тоа стана реалност. Затоа кога велам нашиот збор вреди тоа не е празна реченица, тоа е потврда, доказ што го гледате секој ден. Продолжуваме кон патот што води до победа, развој и достоинствен живот на сите. На 2 ноември секој од вас треба да го направи својот избор, сите заедно да гласаме за бројот 9“, вели Цветковски.

