Пратениците од редовите на ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН застанаа против македонските земјоделци и го одбија предлог-законот на СДСМ за финансиска поддршка, обвини на денешната прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според неа, парламентарното мнозинство гласало против конкретните мерки за поддршка во сите земјоделски сектори.
„Застанаа против лозарите. Гласаа против тоа да добијат 8 денари за килограм произведено и продадено грозје од сортите „Вранец“ и „Кратошија“, како и 300.000 денари по хектар за оние кои нема да успеат да го продадат грозјето. Застанаа против производителите на пиперката ајварка. Гласаа против тоа да добијат 10 денари за килограм продадена пиперка и 200.000 денари по хектар евидентирана засадена површина“, истакна Цветаноски.
Таа додаде дека владејачките пратеници гласале и против предлозите производителите на пченица да добијат по 5 денари за килограм, сточарите 8.000 денари по грло говедо, а оризарите 10 денари за килограм произведена и продадена оризова арпа.
„Арамијата Мицкоски и неговата криминална влада уште еднаш покажаа дека не им се важни земјоделците – луѓето што ја хранат државата. Нема пари за земјоделците, ама има пари за криминални партиски тендери и договори. Пред избори ветуваа земјоделска преродба, повисоки субвенции, сигурен пласман и повисоки откупни цени – а направија пустош“, изјави Цветаноски.
Од СДСМ порачаа дека земјоделството се наоѓа пред колапс, додека земјоделците се принудени да ги продаваат фармите за да преживеат, најавувајќи дека партијата ќе продолжи да се бори за нивната поддршка, сигурност и почит.


