Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои три и натаму се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се локализирани и изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Најсериозна е состојбата во општина Студеничани, каде гори мешана шума во поширокиот регион на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер.
Пожари се активни и во општина Македонски Брод, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки на локалитетот „Видуш“, кај селата Драгов Дол и Локвица.
Третиот активен пожар е на територијата на општина Прилеп, во близина на селото Чаниште. Пожарот се движи во два правци – кон селата Зовиќ и Крушевица, а зафатена е ниска вегетација.
Пожарот што избувна на депонијата во Делчево до 7:30 часот бил ставен под контрола.
Во текот на деноноќието изгаснати се пожари и во повеќе други општини, меѓу кои Ѓорче Петров, Сарај, Штип, Долнени, Кичево, Гостивар, Аеродром, Арачиново, Могила, Новаци, Радовиш, Струмица, Чашка, Велес и Зелениково.
Пожари биле регистрирани и во Виница, Кочани, Липково, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце, Брвеница, Тетово и Јегуновце.
Во општините Јегуновце и Сарај горела и мешана шума. Пожарот првично бил регистриран кај селата Копанце и Туденце, по што се проширил во правец на селото Бојане.


