Бројот на загинати цивили во Украина во текот на јули достигна највисоко ниво од мај 2022 година досега, покажува најновиот извештај на Обединетите нации.
Најмалку 437 цивили биле убиени, а 2.610 биле ранети минатиот месец, што претставува зголемување од 30 отсто во однос на јуни и дури 70 отсто во споредба со јули минатата година, предупреди Набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина.
„Бројот на загинатите достигна највисоко ниво регистрирано од мај 2022 година“, посочуваат од мисијата на ОН.
Според анализата базирана на секојдневните извештаи на украинските воздухопловни сили, Русија во јули истрелала рекорден број ракети врз Украина, во услови кога Киев врши постојан притисок за обезбедување дополнителни системи за противвоздушна одбрана. Од почетокот на годината, ОН регистрирала вкупно 1.839 загинати и 10.638 ранети цивили, што е за 44 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.
„Цивилното население е изложено на зголемени ризици поради засилената употреба на ракети и беспилотни летала во урбаните центри, на наведувани бомби во градовите поблиску до линијата на фронтот, како и на беспилотни летала со краток дострел“, истакна шефицата на мисијата на ОН, Даниел Бел.
Особено тешко погоден минатиот месец беше главниот град Киев, каде што бројот на жртвите достигна најмалку 54 загинати и 202 ранети по масовните руски напади со балистички и крстосувачки ракети.
Во меѓувреме, мисијата наведува дека во јули е зголемен и бројот на пријавени цивилни жртви во Русија – 79 загинати и 601 ранет, но ОН нагласуваат дека овие податоци не се независно потврдени поради недостаток на пристап на терен. Нападите продолжуваат да се засилуваат од двете страни, четири и пол години по почетокот на војната.


