Ако утре патувате на Халкидики, важно е да знаете за новите ограничувања поради зголемениот ризик од пожари.

По големиот пожар што денеска избувна во Сивири, грчките власти воведуваат привремена забрана за движење на пешаци и возила во одредени шумски подрачја на Халкидики.

Од петок, 14 август, ограничувањата ќе важат во делови од Касандра и Ситонија, од 8 до 20 часот. Во Аристотелис, каде што ризикот од пожари е оценет како многу висок, мерката ќе биде во сила до 8 часот во сабота.

Ограничувањата опфаќаат делови од Касандра и Ситонија, како и подрачјата меѓу Комица и Уранополис и во близина на Стратони.

Пристапите кон шумските патишта ќе ги контролира полицијата. На лицата кои ќе бидат затекнати во забранетите подрачја може да им биде наложено да ги напуштат, а за непочитување на мерките е предвидена глоба од 300 евра. Исклучок се волонтерите ангажирани во активности за превенција и гаснење пожари.

За оние кои веќе се на Халкидики, но и за македонските туристи кои планираат да патуваат во следните денови, најважно е да се следат официјалните известувања и да се почитуваат евентуалните наредби за евакуација.

Exit mobile version