Ерупцијата на вулканот Етна и сериозните нарушувања во воздушниот сообраќај предизвикаа загуби од околу 24 милиони евра за туристичкиот сектор на Сицилија, покажуваат проценките на трговското здружение „Асоезерченти“ (Assoesercenti).

Аеродромот „Катанија-Фонтанароса“ останува затворен до 2 часот по полноќ во петок поради наталожениот вулкански пепел. Од петокот па сè до вторникот, вклучувајќи го и 12 август, откажани се околу 700 летови, додека над 400 други се пренасочени или реорганизирани. Најголемиот товар го презедоа останатите сицилијански аеродроми, при што над 330 летови завршија во Палермо, над 100 во Комизо и 22 во Трапани.

Десетици илјади патници се погодени во самиот шпиц на летната туристичка сезона, а многумина беа принудени да користат алтернативен автобуски и железнички превоз.

„Не можеме да знаеме колку долго ќе продолжи активноста на Етна“, изјави Стефано Бранка, директор на Одделот за вулканологија при италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ), објаснувајќи дека почетокот може да се предвиди, но не и крајот на ерупцијата.

За воздушниот сообраќај клучна е насоката на ветрот. Облакот од пепел се прошири сè до Малта и Северна Африка, а додека воздушните струења го носат кон Катанија, прекините ќе продолжат.

Кризата повторно ја отвори дебата за долгорочната одржливост на локацијата на аеродромот.

„Не е Етна на погрешно место, туку аеродромот“, изјави италијанскиот министер за цивилна заштита Нело Мусумечи, кој претходно предложи разгледување на можноста за негово изместување.

Од друга страна, опозицијата на Сицилија ги критикуваше регионалните власти, оценувајќи ги нивните мерки за справување со кризата како „некомпетентни и недоволни“.

Exit mobile version