Четириесет деца од Крива Паланка од социјален ризик заминаа на бесплатен летен одмор

Со финансии од Буџетот на Општина Крива Паланка утрово група ученици од второ до деветто одделение од семејства во социјален ризик, заминаа на бесплатен летен одмор во детското одморалиште „Радости“, Охрид. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги испрати дечињата и им посака убава дружба и незаборавни летни денови.

- За детска среќа и безгрижни летни денови, со новата мерка од Програмата за социјална, детска и здравствена заштита 2024, за првпат овозможивме бесплатен летен одмор за дечињата во социјален ризик од нашиот град.

Утрово групата ученици од основните училишта во градот тргна на еднонеделен одмор во Охрид што ќе опфати шест полни пансиони и забавно-едукативни активности во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата. Им посакав среќен пат, убаво и незаборавно летно уживање. Секое дете заслужува радост, а детската среќа нема цена, рече Митовски.

Пријавувањето на дечињата се изврши преку јавен повик кој траеше до јуни, беше наменет за сите деца од 7 до 14 години, ученици од второ до деветто одделение во ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“ од семејства корисници на гарантирана минимална парична помош, социјална помош, од семејства на самохран родители и деца без родители и родителска грижа. 

01.08.2024 - 11:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега