Општина Илинден целосно го реконструираше мултинаменското спортско игралиште во населбата Илинден, сместено во рамките на подрачното основно училиште „Гоце Делчев“, со што е обезбеден соодветен и безбеден простор за спортување и рекреација.

Во рамки на градежните зафати е поставена нова подлога од полипропиленски (ПП) плочки наменета за кошарка и фудбал, четири нови метални кошаркарски обрачи со мрежи, како и нова пластифицирана и заштитна јутена мрежа од коноп.
Дополнително е извршена и целосна замена на заштитната ограда околу теренот, со цел да се овозможи поголема сигурност за корисниците и подобро унапредување на функционалноста на просторот.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, по извршениот увид посочи дека игралиштето добило нов и функционален изглед.
„Со целосната реконструкција, некогашниот спортски терен е трансформиран во модерен и уреден спортско-рекреативен простор, кој ќе им овозможи на учениците од ПООУ „Гоце Делчев“, како и на сите граѓани, квалитетни услови за спортување, физичка активност и активно поминување на слободното време“, истакна Георгиевски.
Од локалната самоуправа соопштуваат дека продолжуваат со вложувањата во уредување и модернизација на јавните површини и спортската инфраструктура во општината.