Кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од редовите на СДСМ, Јовица Радески, упати благодарност до сите граѓани кои гласаа на изборите, оценејќи дека изборните резултати покажуваат намалување на поддршката за власта и раст на поддршката за опозицијата.

Според неговите изнесени податоци, ВМРО-ДПМНЕ бележи падот на поддршката во споредба со претходниот изборен циклус, додека СДСМ го зголемил својот резултат.

„Секако не може да се биде задоволен со резултатот, но секако задоволни сме што граѓаните ја препознаваат нашата борба. Резулатот од изборите покажува дека на власта и се намалува поддршката а се зголемува поддршката на опозицијата и тоа е тренд. Во споредба со минатите избори за градоначалник ВМРО има пад од над 13 проценти а СДСМ има раст од 46 проценти“, истакна Радески.

Тој додаде дека со прелевањето на гласовите од партиите ЗНАМ и Левица, падот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница е над 800 гласа, упатувајќи критики до структурата „Платформа ЗНАМ 2.0“.

„ЗНАМ и Левица гласаа за ВМРО, а луѓето од Платформата ЗНАМ 2.0 работеа против мене и против СДСМ. Не помогнаа, туку одмогнаа. Дури одредени луѓе токму од оваа Платформа повикуваа и да не се излезе на гласање и да не се гласа. Другари, требаше да дојдете и да помогнете. А не сега да кажувате за Брвеница. Размислете каква штета правите. Или молчете или помогнете, доста одмагате“, изјави Радески.

Радески побара и соодветна истрага од надлежните органи за објавувањето на резултатите од гласањето на болните и изнемоштените лица пред завршувањето на изборниот процес.

„Црна дамка на изборите фрли објавувањето на резултатите од гласањето на болните и изнемоштените, уште пред да се отворат кутиите. Очекувам и барам истрага за точно да се види кој ги отворил кутиите, кој ги броел и кој го пратил бројот да се објави јавно, пред да стигне до комисијата“, побара тој.

На крајот од прес-конференцијата, кандидатот на СДСМ нагласи дека борбата за Општина Брвеница продолжува.

„Изборите во Брвеница уште еднаш покажа дека СДСМ е единствената вистинска опозиција во Македонија. Но не сме сами. Со нас се граѓаните. Заедно, со верба, истрајност и посветеност, јас, ние од СДСМ продолжуваме да се бориме! Брвеница ми е во срцето и јас ќе продължам заедно со вас да се борам за нашата општина во, за секое населено место, за секој човек“, заклучи Радески.

Exit mobile version